РЦС „Спектар“ и Општина Крива Паланка потпишаа Меморандум за реализација на граѓански приоритети 2023-2025

РЦС„Спектар“ и Општина Крива Паланка потпишаа Меморандум за реализација на граѓански приоритети во периодот 2023-2025  година, што произлегоа во консултација со граѓаните.

Меморандумот беше потпишан на јавна дебата која се одржа на 26 декември 2022 година, во присуство на граѓани, претставници на граѓанскиот сектор  и  на општинскта администрација.

Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски ги прифати сите приоритети идентификувани од граѓаните  што се во надлежност на општината и истакна дека тие се патоказ по кој треба да се движи развојниот план на локалната самоуправа.

„Особено ми е драго што овие приоритети се совпаѓаат со плановите и предвидените проекти на општината, што значи дека  се движиме во вистинската насока и ја исполнуваме нашата задача да работиме во интерес на граѓаните. Некои предлози се особено корисни и ќе ги искористиме за да донесеме најсоодветни решенија за локалната заедница“, посочи Митовски.

Приоритетите се однесуваат на  4 области  за кои се дискутираше на консултативните средби и тоа: јавни услуги, локален економски развој , локална демократија-добро управување и општествен и социјален развој на заедницата. Во фокусот се најдоа регулирањето на сообраќајниот метеж и локалната патна инфраструктура, управувањето со отпад, комуналните услуги, вработувањето, квалитетот на општинските услуги, младите , жените и слично.

Меморандумот го потпишаа градоначалникот Сашко Митовски и претседателот на РЦС„Спектар“ Mетоди Цветковски.

Меморандумот е дел од активностите на Коалицијата Форум за граѓански дијалог, предводен од НВО Инфоцентар, во која членуваат 9 граѓански организации од државата меѓу кои и Спектар. Форумот за граѓански дијалог е поддржан од Меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска во рамки на проектот „Граѓанска алијанса за прогресивни промени на локално ниво“.