ЈАВНА РАСПРАВА ЗА УПРАВУВАЊЕТО СО ОТПАД ВО КРИВА ПАЛАНКА

РЦС„Спектар“, во соработка  со НВО Инфоцентар, општина Крива Паланка и ЈП „Комуналец“, на 25.11.2020 година, спроведе јавна расправа „Управување со отпад во Крива Паланка- услуги и соработка со граѓаните“ на ЗООМ платформата.

            Целта на јавната расправа беше да се утврдат расположивите ресурси и потребите за подобрување на управувањето со отпадот во Крива Паланка, како и  зголемување на  јавната свест кај граѓаните за зачувување на животната средина.

            За  менаџирањето , селекцијата и депонирањето на отпадните материи во Крива Паланка се дискутираше заедно со повеќе институции, граѓански организации, месни заедници и граѓани, a во дискусијата учествуваа и  градоначалникот Борјанчо Мицевски и директорот на ЈП„Комуналец“ Миле Марковски.

            Беше заклучено дека состојбата со управувањето на отпадот во општината се подобрува, како и дека континуирано се набавуват нова механизација, садови и контејнери, со што се создаваат услови за проширување на опфатот за организирано третирање на отпадот. Отпочната е и постапка за изградба на регионална депонија за Североистокот и Истокот, на локација  во Светиниколско, која би требало за околу 2 години да профункционира, со што ќе се обезбеди режим на собирање и складирање на отпадот, според европски стандарди.

Како нови услуги беа промовирани поставениот пластикомат во Пакет маркет и телефонската линија на ЈП„Комуналец“ за собирање на кабаст отпад, градежен материјал и шут од домаќинствата во договорен термин. До домаќинствата беше упатен апел биоразградливиот материјал од бавчите да не го фрлаат во отпадните садови или покрај нив, туку да го одлагаат на своите имоти, што ќе значи и еден вид на рециклирање, односно обезбедување на ѓубриво       .

Од  расправата произлезе и заклучокот дека голем проблем и приоритетна потреба е едукацијата на населението за правилно одлагање на сметот, поради големиот број на несовесни граѓани , кои нанесуваат штета на животната средина.

            Јавната расправа за управувањето со отпадот во Крива Паланка е дел од активностите во рамки на проектот „Активни граѓани и локална демократија на локално ниво“, кој го спроведува НВО Инфоцентар од Скопје, со поддршка на Меѓународната фондација „Улоф Палме“ од Шведска.