Кривопаланчани ги утврдуваа приоритетите со кои ќе ги соочат кандидатите за идната локална власт

На 09 септември 2021 година, РЦС„Спектар“ од Крива Паланка ја организираше првата консултативна средба со граѓаните на која се дискутираше за приоритетите и  проблемите со кои се соочува локалната заедница.

Локалниот економски развој, сообраќајниот хаос и комуналните услуги беа темите што, по претходно спроведена анкета, произлегоа како  најприоритетни проблеми  за граѓаните,  кои  бараат тие да бидат решени од страна на идната локална власт.

            Граѓаните посочија повеќе критичните точки од овие области меѓу кои недостиг на паркинг простор, небезбедни делници, создавање на услови за бизнис заедницата,ревитализација на сточарството, пренамена на неискористени објекти, изградба на пречистителна станица, развој на туризмот, подобрување на комуналната хигиена, уредување на речните корита, санација на свлечишта и друго. 

Оваа консултативна средба е дел од активностите за поттикнување на директното граѓанско учество при одредување на приоритетните проблеми, потреби и предизвици во општината.

            Планирана е уште една консултативна средба, по што ќе се одржи јавна дебата со кандидатите за градоначалници и советници на која граѓаните ќе имаат можност да ги кажат своите приоритетни потреби, но и да ги слушнат плановите и очекувањата од претендентите за идната локална власт.

            Целта на овие активности е да се создаде Форум за граѓански дијалог, кој по изборот на градоначалници и советници ќе продолжи активно да ја следи работата на локалната самоуправа и реализацијата на граѓанските приоритети.

           Проектот го спроведуваат девет партнерски граѓански организации-НВО Инфоцентар, Младински културен центар-Битола, Центар на заедницата на општина Струга, Гласен Текстилец, Мултикултура, Идеа ЈИЕ, РЦС Спектар од Крива Паланка, Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе и Центар за развој на медиуми.

      Форумот за граѓански дијалог е поддржан од Меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.