Втора консултативна средба за граѓански приоритети во Крива Паланка

Денеска (17.09.2021 година), во организација на РЦС„Спектар“, се одржа втората консултативна средба со граѓаните на Крива Паланка на која се дефинираа најприоритетните проблеми, предлози и решенија, кои ќе им бидат претставени на кандидатите за градоначалници и советници.

Оваа средба беше посветена на темите за поквалитетни општински услуги, партиципативно граѓанско учество при носење на одлуките на локално ниво и младински политики и перспективи.

Учесниците како најголеми приоритети ја посочија потребата од поефикасна  општинската администрација при решавањето на проблемите на граѓаните, особено од комуналната сфера и урбанизмот, животната средина, зголемено учество на месните заедници и невладиниот сектор, субвенционирање на младите претприемачи, изградба на колективни згради, решавање на проблемите во здравството и друго. Како посебен приоритет беше издвоен проблемот со партизација на општинската администрација и  другите институции.

Од средбата произлегоа и повеќе конкретни решенија  меѓу кои редовен отчет на градоначалникот, редовни средби со претставниците на месните заедници, промотивни кампањи за едукација на граѓаните и слично. За намалување на миграцискиот бран кај младите лица, пак, како решение беа понудени повеќе конкретни проекти за изградба на одредени индустриски капацитети преку искористување на компаративните предности на подрачјето (земјоделие, туризам), правично вработување, деполитизација на институциите и слично.

Граѓанските приоритети и нивните предлози ќе им бидат претставени на кандидатите за градоначалници и советници, на јавна трибина на која ќе можат да ги слушнат очекувањата од идната локална власт.

Активностите се дел од проектот за формирање на Форум за граѓански дијалог, кој го спроведуваат девет партнерски граѓански организации – НВО Инфоцентар, Младински културен центар-Битола, Центар на заедницата на општина Струга, Гласен Текстилец, Мултикултура и Идеа ЈИЕ, Спектар од Крива Паланка,  Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе и Центар за развој на медиуми.

Целта е да се поттикне директното граѓанско учество во креирање на општински приоритети и потреби во локалните заедници, по што Форумот за граѓански дијалог активно ќе продолжи да ја следи нивната реализација од  страна на новата локална власт.

Проектот е поддржан од Меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.