Јавна дебата на граѓаните со кандидатите за градоначалник на Крива Паланка

На јавната дебата, која се одржа на 10.10 2021 година, во големата сала на општината, граѓаните и кандидатите за градоначалник на Крива Паланка дискутираа за најголемите граѓански приоритети што произлегоа од Форумот за граѓански дијалог преку консултативни средби и анкетни прашалници.

На трибината присуствуваа кандидатите за градоначалник од СДСМ и коалицијата Сашко Митовски,од ЛДП и ДОМ Зоран Павловски и од ИНТЕГРА Славчо Станковски-Нико. Беа присутни и носителите на советничките листи на СДСМ, Изабела Павловска и на коалицијата на ЛДП и ДОМ Дане Милошевски.       

И покрај поканата и доставените граѓански приоритети, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Александар Рангелов не дојде на соочувањето со граѓаните, поради , како што бевме информирани од негова страна, однапред договорена агенда.

Присутните кандидати за градоначалник истакнаа дека граѓанските приоритети се високо и на  нивната програмска агенда, а воедно ќе бидат и нивни приоритети и тоа:  решавање на сообраќајниот метеж, искористување на сите расположиви ресурси за поттикнување на локалниот економски развој, подобрување на комуналните услуги, ефикасна администрација, партиципативно граѓанско учество и стимулации за младите.

Кандидатите понудија и конкретни решенија за граѓанските приоритети, а во конструктивна дискусија со граѓаните прифатија и дел од нивните понудени решенија како можности за надминување на проблемите со кои се соочуваат. Истовремено, беа утврдени и критичните точки и области каде идната локална власт може да наиде на потешкотии при реализацијата на граѓанските приоритети и каде е потребно покомплексно решение и поддршка од централната власт.

На крајот , кадидатите потенцираа дека секој граѓанин и секој граѓански приоритет  ќе биде и нивен приоритет, но и дека мора да се има реална програма и реални ветувања, во согласност со можностите и ингеренциите на локалната самоуправа.

       Форумот за граѓански дијалог е поддржан од Меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведска.