ОПШТИНИТЕ И ИМУНИЗАЦИЈАТА ПРОТИВ КОВИД – 19 Потребна е поголема и повидлива кампања за вакцинацијата против коронавирусот

НВО Инфоцентар, во соработка со граѓанските организации АКТИВО, РЦС Спектар, СПО КУЛ и Граѓанска иницијатива на жени (ГИЖ), спроведе мониторинг на процесот на имунизација, вклучувајки ја и теренската вакцинација во периодот јули- август 2021 година,  во општините Велес, Крива Паланка, Свети Николе и Неготино.

Во мониторингот се вклучени и податоците од Институтот за јавно здравје, за епидемиолошката состојба во Република Северна Македонија. Мониторингот се реализираше во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, финансиски поддржан од Меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.

Мониторингот покажа дека за разлика од почетокот на годинава, општините располагаат со доволен број на вакцини и тимови за спроведување на вакцинацијата против коронавирусот. Сепак, одзивот на граѓаните за вакцинација во овие општини е релативно мал и е далеку од потребните  80% за постигнување колективен имунитет. Неопходна е поголема кампања на државните и локални институции, одржување јавни трибини и теренски посети за едукација на населението за ефикасноста на вакцините.

Јавните здравствени установи на локално ниво немаат капацитет да спроведат ефективни кампањи, а општинските кризни штабови комуницираат со јавноста само преку соопштенија, најчесто преку општинските интернет страници. Локалните самоуправи не се вклучени во процесот на имунизација, освен во делот на пренесување  информации (некои општини) и обезбедување помош со прехранбени продукти и заштитна опрема за ранливите категории граѓани.

Посебен проблем е што во повеќето општини вклучени во мониторингот нема многу локални медиуми преку кои би се промовирале позитивните ефекти од имунизацијата и превентивните мерки за заштита од КОВИД-19, наспроти  дезинформациите присутни главно на социјалните мрежи.

Здравствените установи и вакцинални пунктови во општините не располагаат со информации за вкупниот број вакцинирани лица, меѓу другото и затоа што, дел од граѓабите се имунизирани во други градови бидејќи почетокот, масовната имунизација се одвиваше во регионалните центри. Сеопфатните податоци се црпат од Институтот за јавно здравје и Министерството за здравство. Според податоците на Институтот за јавно здравје, заклучно со 7 декември 2021 година, најголем број вакцинирани лица со две дози, од мониторираните општини има во Неготино (заедно со Демир Капија),  вкупно 54,2%,, со што е и на врвот на листата со најголем процент вакцинирани лица во државава. Во Велес (вклучително и општините Градско и Чашка) процентот е 41, 2%, во Крива Паланка (и општина Ранковце) 38,5%, а најслаб е одзивот во Свети Николе каде се имунизирани само 36,4 % од населението.

Евидентно е дека во овие општини нема голема разлика во вакцинацијата на популацијата според возраста, односно забележителни се разлики од 3 до 4 % во корист на населението над 18 години, наспроти вакцинираните над 12 години. Само во општина Неготино разликата е близу 6%, односно над 12+ вакцинирани се 61,5%, а над 18+  процентот е 66,2 отсто.

Во однос на заболените од КОВИД-19, најголем број заразени и активни случаи има во Велес, што е очекувано бидејќи е најголема општина, додека во Свети Николе, на 7 декември имало најмалку активни случаи.

 Статистиката во овие општини, заклучно со 7 декември 2021 година,  е следна:

  • Велес (со Градско и Чашка) – 7.362 заболени, 268 починати, 6.921 оздравени, 173 активни случаи.
  • Крива Паланка (со Ранковце)- 1.913 заболени, 104 починати, 1.736 оздравени, 73 активни случаи.
  • Неготино – 2.579 заболени, 67 починати, 2.468 оздравени, 44 активни случаи.
  • Свети Николе – 2.127 заболени, 55 починати, 2.С032 оздравени, 40 активни случаи.

Неготино е меѓу 6-те општини во државата со најголема кумулативната инциденца (број на новозаболени во одреден временски период на населението кое е изложено на ризик од заболување), која на ова подрачје изнесува 13.523. Во два 14-дневни периоди единствено Свети Николе има зголемување на инциденцата, додека кај сите други мониторирани општини е во опаѓање.

Крива Паланка, пак, е меѓу  општините со најголема смртност. Морталитетот (односот меѓу починати и вкупниот број население) во оваа општина изнесува  452,2 и е 4-ти највисок во државата, а регистрирани се и 5,4%  кумулативен леталитет (сооднос на бројот  на заболени и починати лица), со што  е меѓу трите најкритични  општини во државава, заедно со Крушево и Струга.

Нема информација за родова структура на заболените и вакцинирани лица во општините, иако се знае дека на ниво на државата има повеќе заболени жени (50,5%) , а  меѓу починатите поголем е процентот на мажи ( 59,5%).

Мониторингот на теренската вакцинација и ревакцинација, кој беше спроведена во периодот јули-август покажа дека здравствените власти се добро организирани и дека успешно ја спроведуваа имунизацијата на терен. Екипите за вакцинација работеа според претходно изготвен план за посета и вакцинација во руралните населби, и тоа главно секој работен ден. Вакцинирањето се одвиваше на одредени вакцинални пунктови во селата, но подоцна вакцините беа аплицирани и во домашни услови за тешко подвижните и изнемоштени лица (пример Крива Паланка). Посетени беа сите рурални населби и генерално насаелението покажа голем интерес за имунизацијата.

Во истиот период забележан е зголеме интерес и на вакциналните пунктови во здравствените установи, пред се, за прва доза вакцина, особено кај постарата популација, додека интересот кај помладите  беше помал. Граѓаните единствено се жалеа дека немаат избор за видод на вакцината која ќе ја примат.. Најголем број беа вакцинирани со Синофарм и Синовак, а Фајзер беше главно резервиран за помладата популација.

Набљудувањето покажа добра соработка и координација меѓу надлежните инсититуции, како на локално ниво, така и со Министерството за здравство (преку неделни онлајн средби, предавања и др.).

За време на теренската вакцинација, месното население се информираше преку соопштенија од општините, месните заедници и матичните лекари. Истовремено, се користеа и информативни постери и плакати на огласните табли на здравствените установи, се огласуваше на јавни места во руралните средини и се информираше преку локалните медиуми (онаму каде што има медиуми). Дел од жителите самоиницијативно доаѓаа во здравствените установи и се интересираа за вакцинацијата во нивното населено место.

Препораки

  • Неопходна е поголема и повидлива кампања за имунизацијата, како на национално, така и на локално ниво.
  • Потребна е поголема вклученост на локалните самоуправи во однос на видливоста на информациите и промоцијата на имунузацијата и заштитните мерки против КОВИД-19.
  • Потребно е зајакнување на соработката меѓу локалните самоуправи и месните заедници за спроведување на кампања за вакцинација.
  • Потребно е воспоставување механизам за достапност и размена на сеопфатни информации за КОВИД-19 и вакцинацијата во општините, меѓу локалните здравствени установи и Министерството за здравство
  • Поголемо вклучување на локалните медиуми (информации, дебати, интервјуа) за КОВИД-19 и вакцинацијата.
  • Поголема ефективност на матичните лекари во промоција на важноста од имунизација и заштитата на здравјето на пациентите и поттикнување на процесот на имунизација.
  • Продолжување на теренската вакцинација за поголема достапност до оддалечените рурални места и ранливите категории граѓани.