ГРАЃАНИТЕ И ЛОКАЛНИТЕ ИНСПЕКТОРИ ОД КУМАНОВО ДИСКУТИРАА ЗА ЗАЕДНИЧКИТЕ ПРОБЛЕМИ И ПОТРЕБИ

Граѓаните треба да соработуваат со локалните инспекциски служби и заеднички да се вложуваат напори за  решавање на проблемите и предизвиците во локалната заедница,  во интерес на подобри услуги и задоволување на потребите на сите, беше заклучено нa отворените средби помеѓу Секторот за инспекциски надзор, граѓанските организации и граѓаните на Општина Куманово, што се одржаа на 5 јули 2022 година.

                На инфо средбите „Запознај го својот инспектор“, граѓаните имаа можност да се запознаат одблиску со работата, надлежностите и постапките на локалните инспектори од областа на животната средина, домувањето, градежната и комуналната инспекција и инспекцијата за патен сообраќај. Истовремено, тие се интересираа за повеќе прашања околу дивите депонии, проблемите на станарите во колективните згради, управувањето со јавните локалитети, сообраќајот, градбите, но и за процедурите околу транспарентноста на инспекторите и двонасочната комуникација со јавноста.

                Генералниот заклучок е дека на граѓаните им треба поддршка за да бидат информирани и добро упатени кои се надлежностите на локалните инспектори, затоа што се случува за било каков проблем да се обраќаат до оваа институција. Одредени постапки, пак, вклучуваат и други институции со кои тешко се воспоставува координација, заради што локалните инспектори се ставаат во незавидна ситуција,  граѓаните трпат и се трупаат проблемите.

                Отворените средби покажаа дека е неопходно зајакнување на соработката на локалните инспекциски служби и граѓаните за заедничко адресирање на проблемите и  аргументирано барање за решавање на системските пропусти, кои ги оневозможуваат позитивните промени во заедницата. Локалната инспекциска служба од Куманово, предводена од раководителот на Секторот за инспекциски надзор, Бобан Бојковски, понуди отворена соработка и ги упати граѓаните на достапните канали за взаемна комуникација. По инфо сесиите на кои се запознаа со работата на локалните инспектори, граѓаните, пак, покажаа разбирање за сите предизвици и законски недоследности со кои се соочуваат инспекторите од општината. Нивен заеднички став е дека треба да се борат против лошите одлуки на системот и да барат соодветни  решенија од одговорните во државата и локалните самоуправи.

                Граѓаните, но и локалните инспектори, дадоа повеќе препораки за надминување на институционалните „лавиринти“  за подобри услуги и квалитет на живот.

                Инфо-средбите се дел од проектот „Локални инспекциски служби во интерес на граѓаните“, што го спроведува НВО Инфоцентар од Скопје, во партнерство со РЦС„Спектар“ од Крива Паланка и Центарот на заедницата на општина Струга, со поддршка од програмата Цивика Мобилитас.