Се уште има физички бариери, недоволна вклученост во креирањето на локалните политики, ограничени можности за вработување, а најголем проблем е осаменоста и затвореноста на лицата со попреченост.
Ова се главните заклучоци кои произлегоа од јавната трибина „Вклученост на лицата со попреченост во заедницата“, која сеодржа во EU House Крива Паланка, во организација на РЦС Спектар.
Учество зедоа лица со попреченост, претставници на локалната самоуправа, јавните институции, стручни тимови и образовни асистенти, како и невладини организации и граѓански активисти. На трибината беа презентирани генералните заклучоци и клучни наоди од анализата која покажа дека лицата со попреченост во општина Крива Паланка се уште немаат доволно услови и можности за остварување на своите граѓански и политички права, ниту имаат доволно можности активно да учествуваат во јавниот и политичкиот живот во локалната заедница. Поддршката од локалните власти и институции се сведува главно на обезбедување пристапни рампи, а многу помалку на нивно консултирање, и вклучување во креирањето и спроведувањето на локалните политики.
Лицата со попреченост, нивните семејства, старатели, но и стручните тимови побараа да се обезбедат лични асистенти кои и се потребни најмногу за комуникација, разговор, заеднички социјални игри, стекнување со нови вештини и за дружење. Настанот е дел од акцијата „Вклученост на лицата со попреченост во политичкиот и јавниот живот во локалната заедница“, кој се реализира во рамки на проектот „Здружени за активно граѓанство“ на НВО Инфоцентар, со финансиска поддршка од ЕУ.