Јавна трибина за социјалните услуги на старите лица во Крива Паланка

РЦС „Спектар“, во соработка со Општинската организација на Црвен крст и општина Крива Паланка, организираше јавна дебата за видот и квалитетот на социјалните услуги за старите лица.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, ги информираше присутните за тековните и идни проекти кои се однесуваат на оваа возрасна категорија, како и предвидените активности и мерки со Програмата за социјална, здравствена и детска заштита за 2023 година. Старите лица посебно ги истакнаа позитивните резултати и придобивки од проектот за грижа и нега за старите и изнемоштени лица и лицата со попреченост во домашни услови, што го спроведуваат Општина Крива Паланка и Општинскиот Црвен крст како давател на услуги.

Како воведување нови социјални услуги беше најавено отворање на Дневен центар за стари лица, поддржан од Министерството за труд и социјална политика, како и подготовката на документација за уредување на Дом за стари лица во сегашниот објект на Ученичкиот дом “Боро Менков“.

Корисниците на социјалните услуги, пензионерите и лицата од трето доба изразија  задоволство од  обезбедените социјални услуги од страна на општината и Црвениот крст, кои видно им го подобруваат секојдневието и квалитетот на живот.   Рекоа дека се особено благодарни на  негувателките  кои се грижат за старите и изнемоштени лица и им обезбедуваат услуги во домот, набавка на лекови и намирници, контрола на здравјето, плаќање на сметки и други обврски и потреби.

Изградбата на Домот за стари лица, која е најавена за следната година, за нив е решавање на долгогодишниот проблем  и исполнување на нивното барање за отворање  на ваква институција во општината.

Јавната трибина е  дел од активностите од проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, кој го спроведува НВО Инфоцентар, со поддршка на Меѓународниот центар „Улоф Палме“ од Шведскa.