Одржани првите работилници за зајакнување на локалните инспекциски служби во Североисточниот регион

На 1 јули 2021 година, во Куманово, се одржаа две работилници за зајакнување и зголемување на ефикасноста  на локалните инспекциски служби од општините во Североисточниот регион.

Теми на работилниците беа: Зајакнување на соработката меѓу Инспекцискиот совет и локалните инспектори – Законoт за инспекциски надзор и општините; и Како до ефикасна инспекциска служба на локално ниво?, водени од експертите од Инспекциски совет на РСМ, Методија Димовски и Благоја Гешоски, и експертот предавач Горан Трајчевски, раководител на секторот Инспекторат на Град Скопје.

Во плодната дискусија со локалните инспектори се отворија дилемите околу прашањето дали инспекциските служби треба да бидат централизирани или да останат под ингеренции на општините, со цел да се обезбеди нивната независност во работењето. Учесниците се согласија дека мора да се  обезбедат услови за примена на  начелата на непристрасност, законитост и заштита на јавниот интерес, како и да имаат самостојност при планирањето и одлучувањето, без притисоци од локалните власти.

Беа поздравени позитивните промени со новиот закон за инспекциски надзор, со кој за првпат се опфатени локалните инспектори и се дефинирани нивните права, но беа потенцирани и некои недоследности и недоволната хармонизираност на законската регулатива, што создава проблеми во ефикасноста на локалните инспекциски служби.

Од работилниците произлегоа повеќе предлози и заклучоци за зајакнување на локалната инспекција  како воведувањето на е-инспектор, двосменско работење, здружување на ресурси и влијание, регионална соработка и слично. Пренесувањето на искуствата од терен, пак, беа окарактеризирани како позитивни забелешки за интервенции и промени во законот за инспекциски надзор.

Експертите посочија и дека треба да биде променета перцепцијата за инспекциските служби од репресивен во превентивно-едукативен орган, со професионализирана и искусна администрација.

Ова се првите две од серијата работилници, што ќе се спроведат во сите плански региони, во рамки на проектот „Локални инспекциски служби во интерес на граѓаните“, спроведуван од НВО Инфоцентар Скопје, во партнерство со Центар на заедницата Струга и РЦС Спектар од Крива Паланка.

Проектот е финансиски поддржан од програмата Цивика Мобилитас.